Свесност  –  Чекор 17 од 20

Менталното Јас и светот на концептите

Кога сме заробени во умот, односно во менталната димензија, постепено стануваме ментални битија и почнуваме да живееме преку концептите.

Бидејќи Менталното Јас, односно нашиот идентитет кога сме во таква состојба, функционира преку овие концепти, духовноста што тогаш ја практикуваме е всушност ментална, односно концептуална духовност.

Што значи ова?

На пример, многу духовни учители велат дека егото е лошо, дека е непријател. И ние лесно го прифаќаме тој концепт, со претпоставка дека тие знаат повеќе од нас.

Потоа читаме духовни книги, гледаме видеа, слушаме подкасти, слушаме за свесност, душа, присутност и многу други духовни поими.

И за сите нив градиме одредени концепти, за тоа што тие претставуваат.

Така во нашата глава, постепено се формира цел еден “духовен свет“ составен од концепти, кои потоа се обидуваме ментално да ги поврземе, со надеж дека ќе стигнеме до некаква голема слика.

Сето тоа со верување дека, ако собереме доволно информации и ако правилно ги сложиме, ќе стигнеме до вистината.

Ова е сосема природен интелектуален пристап и во него нема ништо погрешно.

Но важно е да бидеме свесни дека сето ова се одвива во нашиот ум, односно во менталната димензија.

Духовноста

Духовноста, од друга страна, не е ментален конструкт што треба да се разбере, туку жива состојба што треба да се почувствува и да се живее.

Тоа е исто како некој да ни зборува за љубовта.

Ако читаме книги за љубовта, ако истражуваме, ако се обидуваме интелектуално да ја разбереме, со тек на време ќе создадеме претстава за тоа што би можела да биде љубовта.

Но колку и да сме интелегентни, колку и да сме добри во таа наша потрга, колку точни заклучоци и да изведуваме, сè додека ДИРЕКТНО не ја искусиме љубовта, нема вистински да знаеме што претставува таа.

Зошто?

Затоа што љубовта не е прашање на интелект, туку на директно искуство.

Исто е и со духовноста.

Тоа е димензија која постои надвор од менталнта реалност.

И како таква, не може да биде осознаена преку нашиот ментален идентитет, Менталното Јас.

Како тогаш?

Како да стигнеме до директно искуство на духовноста?

Преку тишината.

Тоа е мојот пат.

Затоа што тишината обезбедува простор во кој центарот на нашето постоење почнува да се преместува од Менталното во Свесното Јас.

А само Свесното Јас може директно да ја искуси духовноста.

Прашање за крај

Можете ли да почувствувате колку од вашата духовност е составена од концепти, а колку од директно искуство?

Твој напредок
85%