Свесност – Чекор 16 од 20
Градителот и менталната слика
Градителот е нов поим во “Патот на Душата”.
Менталната слика, иако ја имаме спомнато и претходно, сè уште не сме ја разгледале доволно длабоко за да ја разбереме нејзината вистинска улога.
За таа цел, ќе тргнеме од еден едноставен пример од секојдневниот живот.
Кога за првпат комуницираме со некој човек, на било која тема, додека разговорот се одвива, во позадина се случува еден многу суптилен, но важен процес.
Еден дел од нас, речиси целосно несвесно, почнува да создава ментална слика за таа личност.
Во зависност од впечатоците што ги добиваме, сликата постепено се обликува:
можеби нè развеселил, или нè натажил, можеби бил нервозен…
или
имал убав часовник, скап телефон, уредна облека…
Сето тоа допринесува да ја создадеме сликата за него.
Секој наш впечаток остава некаква трага.
Колку повеќе време поминуваме со таа личност, толку повеќе таа слика се зацврстува.
И тука доаѓа интересниот момент:
Кога повторно ќе се сретнеме со тој човек, на пример сме излегле некаде на кафе, ние беќе не го гледаме директно, таков каков што е во тој момент, туку почнуваме да го гледаме преку сликата што ја имаме изградено за него.
Дали можете да го регистрирате тоа?
Ако внимателно се набљудувате, дали можете да почувствувате дека пред секоја средба, сликата веќе е таму?
Градителот
Делот од нашата свесност што ја гради таа слика ќе го наречеме Градител.
Ваква слика градителот има изградено за сите луѓе што ги познаваме.
Но тоа не се ограничува само на луѓето, туку оди многу подлабоко.
Тој гради слика за животните, за селата, градовите, државите, за автомобилите, професиите, успехот, љубовта, парите, минатото, иднината…
Практично за сите поими што постојат во овој свет.
На овој начин, Градителот создава еден цел посебен универзум за нас.
И токму преку тој универзум ние го живееме нашиот живот.
Па така, реалноста што ја гледаме надвор, во голема мера е само одраз на сликите што ги носиме внатре.
Сликите што претходно ги изградил Градителот.
Но важно е да се разбере дека тука нема ништо погрешно. Едноставно така се живее во менталната димензија.
Градителот гради.
Гради слики.
Гради концепти.
Менталното Јас ги живее.
Сликата што ја градиме за себе
На многу сличен начин, во зависност од животните околности, нашиот Градител има изградено слика и за нас самите.
Потоа ние почнуваме да се идентификуваме со таа слика и веруваме дека токму тоа е нашиот вистински идентитет.
И тука почнува хипнозата.
Хипноза што се создава кога свесноста се суспендира, а вниманието останува заробено во менталната димензија.
Една тивка, повторувачка, секојдневна хипноза.
Јас сум ова…
Јас сум она…
Таков сум јас…
Јас можам…Јас не можам…
Јас вредам…Јас не вредам…
Сите вакви фрази само се повторуваат механички, а ретко се преиспитуваат, ретко се гледаат подлабоко, ретко се доведуваат во прашање.
Ваквото ЈАС, кое поради суспензијата на својата свесност почнува да се идентификува со создадената слика, го нарековме Ментално Јас.
Можете ли да го препознаете вашето Ментално Јас?
Можете ли да го забележите во моментите кога без преиспитување повторува:
“Јас сум ова…“
“Јас сум она…“
“Таков сум јас…“
И кога следен пат ќе кажете “јас…“, застанете на момент и видете:
кој зборува?