Свесност  –  Чекор 14 од 20

Како се создава Менталното Јас

Менталното ЈАС е нашиот психолошки идентитет, составен од мисли, верувања, улоги и лични приказни, преку кои човекот почнува да се доживува себеси.

Тој е приказната што умот ни ја раскажува, за тоа кој сме ние.

Исто така, тоа е и сликата што ја имаме за себе и во која веруваме дека тоа сме ние.

За подобро да ја разбереме природата на Менталното Јас, важно е да разбереме што се менталните програми и како тие влијаат врз неговото создавање.

Бидејќи менталните програми се основата од која е изграден овој идентитет.

Пример: тригодишна возраст
Иако сè уште си мал, со твојата детска свест почнуваш да согледуваш дека ако си “добар” ќе бидеш пофален, гушнат, ќе добиеш внимание и љубов.

Но ако твоето однесување не е во склад со тоа што се очекува од тебе, тогаш ќе добиеш поинаков однос, ќе те искараат, ќе те корегираат, ќе почувствуваш дистанца.

Но кој е тој на кого треба да му се допаѓаш?

Или поинаку да го поставиме прашањето:

На таа рана возраст, со кого го поминуваш најголемиот дел од твоето време?

Најчесто тоа е мајката.

Таа е првиот учител, кој со најдобри намери те учи како треба да се однесуваш за да израснеш во “нормален” член на заедницата.

Но ако се погледне од непристрасен агол, лесно се забележува дека преку тоа учење, мајката всушност ги пренесува своите уверувања на детето.

А токму тие уверувања се нејзините ментални програми.

Па така постепено, нејзините програми стануваат и твои програми.

Значи овде се случува процес на копирање на “софтверот” од нејзиниот во твојот ум.

Copy / Paste.

И тоа така продолжува понатаму:

Татко ти, нови програми.
Баба и дедо, нови програми.
Градинка, нови програми.
Училиште, нови програми.
Општеството, нови програми.
Работа, нови програми.

Сега имаш 35-40 години.

Имајќи го во предвид досега изнесеното, кажи ми, кој си ти?

Во еден голем дел, ти си менталната слика за себе што си ја изградил преку сите овие програмирања.

А како што гледаме од примерот, таа слика е често само копија на колективниот ум.

Клучно за свесноста

Многу важно е да се забележи, дека сето ова се случува во менталната димензија и најчесто на несвесно ниво.

Несвесно, затоа што ние немаме свесност дека процесот се одвива, сè додека еден ден не забележиме дека веќе имаме одреден идентитет.

И тогаш неизбежно се поставува прашањето:

Како стигнав овде? Што се случи?

Се случи процес во кој ЈАС, поради суспензија на својата свесност во менталната димензија, почнало да се идентификува со менталната слика за себе.

Така е создадено нашето Ментално Јас.

Прашање за крај:

Можете ли да го препознаете процесот во себе?
Кои програми ве обликуваа, а кои сте ги прифатиле несвесно?

Твој напредок
70%