Свесност – Чекор 13 од 20
Ментално Јас - нашиот возрасен идентитет
Бидејќи во менталната димензија се живее преку концепти, со тек на време се јавува потреба од соодветен концептуален идентитет за себе.
Па така, преку својот континуиран престој во умот, на едно суптилно и речиси незабележливо ниво, ЈАС започнува да гради ментална слика за себе.
Со тек на време, таа слика станува центар на неговото постоење.
Човекот почнува да се идентификува со неа и да се доживува себеси преку неа.
Идентификацијата со ова ментална слика, постепено го прави целосно ментално битие, кое понатаму ќе го викаме Ментално Јас.
Па така, Детското ЈАС пополека се повлекува во позадина, а на неговото место доаѓа новиот возрасен идентитет, Менталното Јас.
Да обратиме внимание дека во суштина тоа е истото ЈАС, но начинот на кој се доживува себеси и начинот на кој ја доживува реалноста е сосема различен.
Менталниот Јас е нов облик на постоење, ментален облик, ментално битие.
Преку мислите, тој постојано работи на креирање “подобрена”, “посигурна”, “повредна” верзија од себе.
Слика што треба да биде прифатена, признаена и вреднувана.
Потоа сака на светот да му се претстави токму преку таа слика.
Сака другите да го перцепираат преку неа.
Сака таа да биде видена, потврдена, зацврстена.
И така, целиот живот го живее преку таа ментална конструкција, без воопшто да биде свесен дека живее преку слика, а не преку директно искуство.
Тоа е животот на Менталното Јас.
И тука некаде би сакал повторно да те запрашам:
– Кажи ми сега, кој си ти?