Свесност – Чекор 7 од 20
Реалност - која е нашата реалност?
Од сè што досега разгледавме, можеме да заклучиме дека едно човечко битие во текот на денот престојува во една од овие две состојби:
– Присутност
или
– Живеење во умот.
Или сме присутни и постоиме во сегашниот момент, кој патем е единствената реалност за нас,
или постоиме во умот.
Хмм, чекај малку сега.
Значи ли тоа кога постоиме во умот, ние не постоиме во реалноста?
Па, така некако му доаѓа. Нели?
На прв поглед може да звучи чудно.
Реалноста е тука. Нашето тело е тука.
Но ние не сме тука.
Затоа што нашето внимание е целосно во мислите.
И кога сме внесени во мислите, ние не ја доживуваме директната реалност, туку нејзината ментална верзија.
Таа ментална верзија е креирана од нашиот ум и претставува:
– закаснета копија на вистинската реалност,
– постојана интерпретација наместо директно искуство,
– филтрирана слика на она што навистина се случува
А кои се филтрите?
Нашите убедувања.
Нашите стравови.
Нашите проекции.
Нашите очекувања.
Нашите потиснати содржини.
Умот не ја гледа реалноста таква каква што е, туку ја гледа низ сопствената структура.
Ако во структурата на умот постои страв, тогаш насекаде во реалноста ќе гледа страв и закани.
Ова не е мала работа.
Ова е клучна точка за разбирање.
Истовремено е многу интересна тема за опсервација, што секој сериозен трагач по вистината треба длабоко да ја промисли.
Затоа што само кога ќе ја видиме менталната димензија јасно, можеме да престанеме да бидеме несвесно управувани од неа.
Во спротивно, остануваме затвореници во матриксот на сопствениот ум.