Свесност – Чекор 2 од 20
Свесноста - срцето на духовниот пат
Во претходниот текст зборувавме за тоа што е свесност и како таа ја обликува нашата перцепција на реалноста.
Сега е време да погледнеме подлабоко и да видиме каква улога има свесноста во духовноста.
Свесноста како срж на духовноста
Според мене лично, ако треба целата духовност да се сведе во само еден збор, тој несомнено би бил Свесност.
А веднаш до него би го допишал, Љубов.
Освен Свесност и Љубов, ништо друго не ти е неопходно за да стигнеш до изворот, до душата.
Свесноста и сцената на животот
Свесноста е нешто слично на интелигенцијата. Начинот на кој еден човек ја перципира реалноста, пред сè зависи од степенот на неговата свесност.
Сите ние имаме одредено ниво на свесност.
Кога со тоа ниво ќе се соочиме со одреден животен проблем што не сме во состојба да го решиме, тогаш е јасно дека е потребно да работиме на отворањето на нашата свесност, за еден степен повеќе.
Кога во тоа ќе бидеме успешни, решението почнува да се наѕира, а со тек на време станува очигледно и во кој правец треба да делуваме.
Ова е типичен пример како Универзумот, преку сцената на животот, а во соработка со нашата душа, работи на издигањето на нашата свесност.
Очигледноста како доказ
Најубавата работа кај свесноста е што сè станува очигледно.
Никој не треба да те убедува.
Во ништо не треба да веруваш.
Сè станува јасно.
И токму затоа јас длабоко ја сакам и ја почитувам.
Кога знаеш дека свесноста постои и кога навистина разбираш што е таа, можеш слободно да заборавиш на се друго и целосно да се посветиш на нејзиното издигање, односно отворање.
Духовни очи
На некој начин, свесноста ти дава духовни очи со кои можеш да гледаш.
Без свесност, човекот е буквално духовно слеп.
Како се развива свесноста
Свесноста се развива преку успешно решавање на проблемите што животот ги носи пред нас.
Доколку сакаме да го забрзаме овој процес, можеме тоа да го направиме со практикување на методот “Спокојно седење“, кој во својата суштина претставува неподвижно седење во тишина.
Различни нивоа на свесност
Ако генерализираме, би можеле да кажеме дека мнозинството луѓе поседуваат многу слично ниво на свесност. Врз основа на тоа ниво тие ја дефинираат реалноста, а со тоа и духовноста.
Но кога некој со пошироко доживување на свесноста, ќе започне да зборува како тој ја доживува реалноста, многумина ќе помислат дека ја изгубил врската со разумот.
Причината за тоа е едноставна:
тој зборува за нешта што другите сè уште не ги регистрираат.
Јазикот на високата свесност
Кога зборуваш од позиција на повисока свесност, главниот предизвик е како тоа искуство да го пренесеш, така што ќе можат да те разберат, а истовремено да не изгледаш како да си луд.
Затоа многу духовни учители користеле симболи, приказни и параболи.
Не затоа што сакаат да бидат мистични, туку затоа што директниот јазик често не е доволен.
Проблемот не е само во начинот на објаснување, туку во тоа што постојат нови состојби и нови доживувања, кои најпрво треба да се именуваат, а потоа да се објасни нивната меѓусебна поврзаност.
Моето лично искуство
Ова и мене ми се случи.
После едно искрено прашање “Кој сум јас?”, искусив состојба на многу висока свесност, но не знаев ниту како да ја објаснам, ниту како да ги именувам работите што ги доживував.
Потоа ми беше потребно значително време за да се едуцирам на темата.
Но таа едукација не е само интелектуален процес на совладување на материјата, туку е и практичен пат, односно искуствено спознавање на различните состојби на свесноста и нивно интегрирање во секојдневниот живот.
Да бидеме свесни дека ова “школа на свесност” не е материја кој се завршува за неколку месеци, ниту пак за неколку години. Тоа е процес кој трае цел живот и според тоа бара сериозен пристап со одредена доза на конзистентност.
Универзумот како свесно битие
Кога ќе успееме да ја издигнеме нашата свесност над границите на она што го сметаме за нормално, една од првите нешта што ги согледуваме е дека Универзумот е свесно битие со сопствена интелигенција, кое раководи со целокупното постоење.
Интересниот дел е што со таа интелигенција не само што може да се комуницира, туку и свесно да се соработува.
Повик кон свесност
Не обидувај се веднаш да разбереш сè.
Доволно е само да забележиш.
Да забележиш како реагираш на животот, како ги доживуваш предизвиците и од кое место во себе ги носиш одлуките.
Свесноста не бара напор, таа бара присутност.
И токму таму започнува духовниот пат.