Свесност – Чекор 1 од 20
Што е свесност
Денес често слушаме за свесно родителство, свесно јадење, свесно купување, па дури и свесно користење на социјалните мрежи.
Но свесноста не е само модерен израз, таа е една од најбитните суштински вредности на духовниот пат.
Прв чекор: Што е свесност?
Повеќето од нашите проблеми не доаѓаат од самиот живот, туку од начинот на кој го живееме, од нивото на нашата свесност.
Затоа првиот чекор кон свесноста е многу едноставен, но не и лесен: успорување.
Ако сакаме подобро да го разбереме животот и да ја почувствуваме неговата смисла, прво да разбереме што значи поимот свесност.
Зошто?
Затоа што главната поента на животот на оваа планета е еволуција на свесноста. Не знам како е на другите планети и дали воопшто постои живот таму, но за Земјата немам дилема, тоа е суштината.
“Животот ќе ви го даде секое искуство што е најкорисно за еволуцијата на вашата свесност. Како да знаете дека ова е искуството што ви треба? Затоа што ова е искуството што го имате во моментот.”
— Екарт Тол
Нашата свесност се развива преку успешно совладување на животните предизвици. Ако одреден проблем упорно се повторува, тоа значи дека лекцијата сè уште не е научена.
За подобро да разбереме што е свесност, ќе ја разгледаме преку неколку едноставни примери од секојдневието.
Пример 1: Будност
„Татко во Турција паднал во несвест од возбуда, кога по 22 години брак првпат добил дете. Докторите интервенирале и повторно го освестиле.“
Што е свесност во овој пример?
Најосновната дефиниција:
Свесност е состојба на будност која ни овозможува да регистрираме што се случува околу нас.
Пример 2: Ѓубрето покрај патот
Возам надвор од градот со брзина од околу 50–60 км/ч. Одеднаш, возачот пред мене го отвора прозорецот и без двоумење фрла најлонче со ѓубре покрај патот. Го затвора прозорецот и продолжува да си вози.
Има ли проблем овде?
За него, очигледно нема.
Зошто?
Затоа што неговото ниво на свесност не регистрира проблем. Од таа перспектива, сè е во ред: колата е чиста, задачата е завршена.
Но што со ливадата покрај патот?
Ако сите почнеме да фрламе ѓубре на ист начин, патот многу брзо ќе наликува на отворен контејнер.
Овде не станува збор за тоа дали човекот е “лош” или “глупав”, туку едноставно дека нивото на свесност не му дозволува да согледа поширока слика.
Во овој пример, свесноста може да се сфати како параметар што го одразува човековото однесување, нешто што може да се прикаже на скала од 1 до 10.
Пример 3: Големината на перцепцијата
Замислете ја свесноста како топка.
Ако нашата свесност е со големина на пинг-понг топче, од тоа ниво го живееме животот, читаме книги, носиме заклучоци и донесуваме одлуки.
Ако истата книга ја читаме со свесност со големина на тениско топче, заклучоците ќе бидат поинакви, побогати, подлабоки.
Зошто?
Затоа што со поголема свесност имаме поширока и подлабока перцепција. Гледаме нешта што претходно ни биле невидливи.
Истото важи и за примерот со ѓубрето: со поголемо ниво на свесност, станува очигледно дека таквото однесување не е во склад со животот.
Во овој пример, свесноста е нешто што може да биде повеќе или помалку отворено, величина што одредува како некој човек го доживува животот.
Пример 4: Маркетот и светлината
Замислете дека стоите пред голем маркет. Внатре има различни оддели, грицки, здрава храна, хигиена, сè е уредно означено. Но е ноќ, нема струја, а вие имате само мало лед-светло.
Влегувате и почнувате да барате четка за заби. Се движите бавно, се губите, правите кругови.
Потоа замислете дека имате батериска ламба. Веќе гледате подобро, се движите посигурно.
На крај, ги палите сите светла во маркетот. Сè е јасно. Одма знаете каде да одите.
Во овој пример, светлината ја претставува свесноста. Колку е поголема светлината, толку појасно гледаме. Со поголема свесност полесно се движиме низ животот, бидејќи имаме подобра прегледност.
Сите овие примери укажуваат на една едноставна вистина:
Нашето однесување директно зависи од степенот на нашата свесност.
Што е тогаш свесност?
Свесност е пред се состојба на будност и присутност.
Но таа состојба на будност може да има различен интензитет или отвореност, па соодветно го карактеризира човечкото однесување.
Исто така, за свесноста можеме да кажеме дека е вид на животна светлина што ја осветлува нашата перцепција, па колку повеќе се отвора, толку повеќе го гледаме животот онаков каков што е, не онаков каков што мислиме дека е.
Како што се отвора свесноста, почнуваме да забележуваме нови детали, нови односи, нови вистини. Со тоа се менува нашата перцепција, а со неа и нашата реалност.
Се чини дека овој процес нема крај. Секогаш кога мислиме дека сме стигнале “доволно далеку”, следи ново отворање.
И уште нешто важно: Луѓе со слично ниво на свесност, слично го гледаат светот и природно се препознаваат меѓусебно.
Ако нивото е многу различно, нема да можат да се сретнат во муабетот или да воспостават вистинска средба.
Оттука и старата поговорка:
“Со кого си, таков си.”