Што е тоа што го барам?

➡️ Епизода 1: Што е тоа што го барам?
 
Ова не е обично видео.
Ова е почеток на потрага.
Патување до најдлабоките делови на твоето битие.
До она што отсекогаш било таму…
Но си заборавил како да го слушаш.
 
Добредојдовте на “Патот на Душата”
 
Убав летен ден. Отидов во посета на Охридското Езеро и додека седам во подножјето на планината Галичица и чекам да ми го донесат утринското кафе, го разгледувам широкиот простор пред мене.
 
Во далечината по некоја птица прелетува, па го набљудувам нејзиното лесно движење и забележувам колку е тоа совршено.
 
Од блиското дрво се слуша црцорењето на славејчината. Го посветувам целото моето внимание на таа песна и сфаќам дека тоа е една толку прекрасна мелодија, која длабоко ме опушта. Слободно би ја слушал со часови.
 
Пополека се вртам накај градот и веднаш останувам без здив. Ахх, каков убав поглед и колку e прекрасна природата овде, во околината на охридското езеро.
 
🇲🇰 (Природа, Слики)
 
И по не знам кој пат повторно се запрашувам:
 
Кој ја направил сета ова природа?
И со која цел?
 
Хммм…
 
А кој сум јас?
И што правам овде?
 
Е добро де, пијам кафе во моментов, ама не ми беше тоа прашањето, туку што правам јас во склоп на целата ова креација?
 
Размислувам, се задлабочувам уште повеќе во прашањето….Што правам јас овде? Зошто сум дојден тука, на ова планета?
 
И одеднаш насетувам одговор, па јас како да барам нешто?!
Да! Барам!

Некаде длабоко во себе, јас сум во потрага по нешто.
Ноо, што е тоа што го барам?
 
Како деновите проаѓаат, а јас цврсто чекорам по патот на потрагата, со тек на време успевам да доловам, дека тоа што го барам е всушност еден дел од мене кој… хмм…кој како некој, некогаш да ми го одзел или ме одделил од него, а јас сум заборавил на тоа и сега некако ми фали, ми недостига, дел што ми е многу потребен за повторно да се чувствувам исполнето, да се чувствувам целосно.
 
Но колку и да се трудам, не можам да се сетам што точно беше тој дел, иако имам чувство дека е нешто многу големо и нешто многу важно за моето постоење.
 
И кога сосема ќе изгубам надеж дека ќе најдам одговор, во некои моменти на тишина, повторно ќе го слушнам внатрешното шепотење, кое тивко и безвучно ми говори:
 
Пронајди ме!
Оди по овој пат!
 
И така сфаќам дека таа е всушност цело време тука, немо присутна, цело време ме води, ми дава насоки, ми го трасира патот, а јас само треба да смогнам сила и да го изодам, затоа што тој пат воопшто не е едноставен.
 
Сигурно веќе забележавте дека делот што ми недостига го именувам со таа…но што е тоа таа и што е тоа што го барам?
 
Тоа што го барам, е Мојата Душа!
 
Јас сум Тони Митревски и преку овие видео обраќања сакам да вe запознаам со моите истражувања во полето на духовноста, искуствата, размислувањата и мојот поприлично револуционерен поглед за тоа што е Бог, кои сме ние и каде се наоѓаме.
 
Но пред се, целта ми е да ве запознаам подобро со вашата душа, која што претставува едно мистично и многу моќно божествено битие, како да ја разбереме нејзината комуникација и кој е патот што треба да се изоди за да се стигне до неа.

Ви благодарам на вниманието и се гледаме наскоро!