️Епизода 3: Моќта на тишината
Во претходното видео ви навестив како со помош на една музичка асоцијација, успеав да се сетам на постоењето на мојата душа.
Сакам да напоменам, дека состојбата на мојата свесност, во која што се случи тој настан не беше вообичаената секојдневна свесност, туку нешто поинаква. Во тоа време јас почнав да практикувам една нова интуитивна техника, која што покасно ја именував како “Спокојно седење”.
Што значи “Спокојно седење”?
Тоа значи, во просторија во која има тишина, релативна тишина, колку што дозволуваат условите, седнуваш на столица со исправен рбет, заземаш позиција која ти е удобна и откако ќе се наместиш убаво, престануваш да мрдаш.
Си седиш така спокојно, но не се поместуваш воопшто, не се чешаш, не ја преместуваш ногата полево-подесно, едноставно не мрдаш повеќе ниту со прст!
Пробуваш максимално да го опуштиш телото секаде каде што ќе почувствуваш напнатост и се стремиш да се релаксираш колку што е можно повеќе.
Останувааш во таква состојба онлку време, колку што ти е удобно.
Во деновите кога јас го доживеав моето искуство, седев по неколку часа на ден, обично од 4ч до 6ч.
Спокојно седење
Ете така изгледа техниката “Спокојно седење” и кога би се обидел да ја опишам накусо, со неколку клучни зборови, тие би биле:
-Тишина
-Релаксација
-Неподвижност
И овде сакам да ја потенцирам важноста на последниот поимот, неподвижност.
Неподвижноста е толку многу битна во овој процес, што слободно можам да речам дека таа претставува “тајната состојка” која ги отвора вратите кон подлабоките сознанија, како за себеси така и за тоа што го нарекуваме реалност.
Зошто го практикував ова?
Примарно, за да видам до кој степен можам да го смирам умот!
Секундарно, за нови духовни сознанија!
Умот и телото се тесно поврзани, па ако успееме да го смириме и релаксираме телото, со текот на времето и умот ќе се придружи. Тоа може да доведе до таква една спокојна и мирна состојба, каде што ќе нема ниту една мисла во главата.
Апсолутна тишина!
Не знам дали некои од вас успеале да доживеат нешто вакво, но ова искуство е неверојатно. А кога ќе ти се случи за првпат малку е и шокантно, во смисла на изненадување.
За првпат во твојот човечки живот, никој не ти “брчи” во главата, а ти сепак си тука, целосно присутен и само набљудуваш.
Кој сум јас во тишината?
И во една таква состојба на апсолутна тишина, сосема природно ќе ти дојде прашањето:
Добро бе, па кој сум јас?
Кој сум јас, кога сега е веќе јасно дека не сум тој, што мислев дека сум?!?
Кој сум јас, кога не се поистоветувам со содржината на мојот ум?
И така постепено почнав да сфаќам, дека потрагата по духовни сознанија, е всушност потрага по себеси. Потрага по сопствениот изгубен идентитет, меѓутоа идентитет не како човек, туку како душа.
Кој сум јас, не како човек, туку како духовно битие кое што е независно од формата, независно од просторот, независно од времето?
Ова прашање е многу важно. Размислете за него.
Да се вратиме повторно на тишината.
Во состојба на апсолутна тишина и сетилата работат малку поинаку неголи вообичаено, односно работат со својот полн капацитет. Па сликата што ја добиваме за реалноста е побогата со импресии и на тој начин е поблиску до апсолутната реалност, ако може така да се изразам.
Со ова сакам да укажам дека апсолутно смирениот ум има подобра перцепција на реалноста, отколку немирниот ум!
И уште повеќе: само апсолутно смирениот ум има капацитет да го препознае нашиот духовен идентитет.
Хаотичниот ум нема никаква шанса за тоа, колку и да се труди.
Мој совет за спокојното седење
И тука би сакал да упатам едно мало предупредување, до сите од вас кои го практикуваат ова или кои ќе го практикуваат во иднина. Би сакал да истакнам дека со долгорочно седење во тишина се добиваат и други бенефити освен смирениот ум.
Се добива присутност, повисока свесност, поголема конекција со душата и подлабока поврзаност со универзумот.
Сите овие искуства со тек на време ќе ви создадат чувство на предност во однос на останатите луѓе, па постои реален ризик вашето его да го искористи тоа и да си замислува дека е повозвишено од сите останати.
Многу често го сведочам ова сценарио, па затоа потребен е опрез и постојана будност во овој процес.
Затоа е и пожелно ова практика секогаш да биде придружена со молитва, за да не држи понизни на земјата, а не високо во облаците.
Не мора тоа да биде некоја специјална молитва, доволно е да искажеме искрена благодарност до универзумот или до Бог, кој како што си милува, што ни дава мир и што ни дава можност, подлабоко да ја спознаеме неговата креација!
И овде ќе го завршуваме ова видео.
А во следното ќе ви раскажам како изгледаше мојата блиска средба со сопствената душа.
Ви благодарам што ме слушавте и се гледаме наскоро!