️Епизода 4: Мојата средба со душата – 1 дел
Ако не сте ги гледале претходните видеа, топло ви препорачувам прво нив да ги погледнете. Инаку, ова што ќе го споделам сега, можеби нема целосно да ви биде јасно.
Кога во состојба на спокојно седење, би слушале некоја тивка и нежна инструментална музика, но со апсолутно смирен ум, импресиите од мелодијата добиваат подруга длабочина. Не е тоа веќе само обична музика, туку е и трансфер на некакви мистични информации.
Во таквите мигови на спокој и длабока опуштеност, сфаќаш дека фреквенцијата на мелодијата има можност да разбуди одредени духовни центри во твоето тело и на некој мистериозен начин да ја обликува твојата внатрешна енергија.
Во тие мои седенки во тишина, на крајот од денот си пуштав по неколку такви песни и ги слушав, но сега со изострени сетила и со подлабоко отворена свесност.
Препознавање
И во еден таков миг, се случи нешто навистина невообичаено. Слушајќи ја музиката, во мојата свесност се случи препознавање.
Слушам и си велам:
Овие звуци ми се некако познати, толку многу ми се блиски, толку многу ме потсетуваат на нешто.
Но на што?
Останав подолго време во состојба на зачуденост, но и благ стремеж да успеам да се сетам од каде ми се познати.
И така слушајќи ја музиката, одеднаш изговорив:
Па дааа! Ова е фреквенцијата на мојата душа!
Уште и си реков:
А како можев да ја заборавам?
Прошетка
Тука би сакал да истакнам нешто интересно.
Иако ги кажав тие реченици, фактички не знаев точно што означуваат. Како еден мал дел од мојата свесност да го направи препознавањето, но поголемиот дел сеуште не го сфаќаше нивното вистинско значење.
И покрај тоа што добив едно длабоко сознание, не ја прекинав активноста, туку продолжив и понатаму да седам и да уживам во мелодијата.
После извесно време, отприлика половина час, откако завршив со сесиите на спокојно седење што ми беа предвидени за тој ден, решив да излезам на една кратка прошетка до блиското паркче, за да ги протегнам нозете од долгото седење.
И токму на таа прошетка, го доживеав неверојатниот настан кој што ви го најавувам веќе неколку видеа наназад.
На таа прошетка, се случи мојата блиска средба со сопствената душа!
Средба
Ако се прашувате што се случи поточно,
најдобриот опис би бил:
Движејќи се по улицата, одеднаш се отвори небото!
Но не во буквална смисла!
Барем не во ова физичка димензија.
Беше тоа повеќе како да се отвори внатрешен простор пред мене, кој се протегаше од моите гради па се до некаде горе над облаците.
И таму, од другата страна на тој простор, беше таа – мојата преубава душа. Вечната љубов на моето постоење..
Љубовта на душата
Во тие моменти на тотална еуфорија, првото прашање што јас си го поставив беше:
Како е можно?
Како е можно такво љубовно битие воопшто да постои?
Нешто толку мило, толку нежно, убаво… но и толку моќно истовремено?
И кога ќе видите каква љубов има душата према вас…
Кога ќе сфатите колку многу и значите, но и колку многу и требате…
Уште и кога ќе ја почувствувате таа нејзина чиста божествена љубов, како целосно ве облева…
Тогаш целото тело ќе ви затрепери, затоа што нема да можете да го издржите тој интензитет на божествена љубов.
Во истиот момент ќе заборавите кој сте, ќе заборавите што сте, ќе заборавите каде сте. За вас, светот ќе престане да постои.
Единствено што ќе остане, е нејзиното присуство и нејзината љубов.
Сеќавање
Ете тоа е битието што вистински недостига во нашите животи.
Недостига нашата Душа!
Можете ли да се сетите на неа?
Постои ли такво битие во вашиот живот, кое нетрпеливо чека повторно да се сретне со вас и да ви каже колку многу му недостигате?
Постои ли?
Подумајте се.
Но не брзајте со одговорот.
И не размислувајте со умот – таму ги нема овие одговори.
Нурнете се во длабочината на своето срце, во длабочината на своите гради и чувствувајте!
Еве, ќе ви помогнам со една музичка асоцијација.
(Музика)
Продолжува…