️Епизода 5: Мојата средба со душата – 2 дел | Вовед во духовната зрелост
(Музика)
Глас:
„Ако ве допре таа музика… ако почувствувавте топлина во градите…тоа е одличен знак…имате активна конекцијата со вашата душа.
Бидете тивки и слушајте.
Продолжуваме со видеото!”
Кога и вие би успеале, на некој начин, да се сетите на вашата душа и бар делумно да го доживеете тоа битие, на начинот на кој јас го доживеав, нема да можете да верувате што се случува.
Затоа што тоа е едно такво невообичаено искуство, кое што е надвор од разумот, надвор од секаква логика, надвор од секаква фантазија.
Ни на крај памет не би можеле да претпоставите како изгледа душата, каде се наоѓа и како звучи нејзината гласовна комуникација. Велам гласовна затоа што има и некој вид телепатска комуникација.
Духовно спознание
При самата средба со душата, некои духовни работи веднаш стануваат потполно јасни, затоа што на некој начин таа ги осветлува со својата светлина.
За мене лично, најдлабоко беше спознанието, дека сите искуства што сме ги доживеале во целата наша еволуција, без разлика какви и да биле: добри, лоши, радосни, тажни…фактички биле само подготовка за ова средба.
Подготовка на нашата личност…
На нашата свесност…
И нашата психа…
За моментот кога конечно, конечно после милиони години еволуција во сепарација, повторно ќе се вратиме во целото и ќе се споиме со нашата душа.
Ете толку е голем овој момент и толку е возвишена ова средба.
Човекот и душата
Второто длабоко спознание кое го добив при средбата со душата, е спознанието каков е всушност вистинскиот однос помеѓу човекот и душата.
Вистинскиот однос не е дека ние луѓето имаме душа, туку обратно, душите како божествени битија имаат човечки дел од себе, кој со доаѓањето во ова физичка димензија го заборава своето потекло и заборава каде навистина припаѓа.
И токму тоа заборавање е причината за сета ова збрка што се случува овде на земјата.
Душата како родител
Душата, на некој начин е нашиот духовен родител, кој во склоп со универзумот, преку различни животни искуства се труди да не води и да не израсне во духовно зрела личност.
Да видиме што е тоа духовно зрела личност, според моите видувања.
Духовно зрела личност
Пред се… тоа е човек кој живее во својата автентична индивидуалност.
Човек кој научил да се потпре на самиот себе.
Кој ги слуша другите луѓе со отворено срце, но не се губи во нивните мислења.
Тоа е човек кој во својата еволуција достигнал ниво на свесност која му овозможува да се сврти кон себе. Да се соочи со тишината во сопствениот ум и да ги погледне своите потиснати емоции. Да ја погледне својата болка и своите стравови.
И сето тоа, не за да се осуди, туку за да ги разбере и да ги ослободи.
Со љубов да ги прегрне деловите од себе,
што некогаш не сакал ниту да ги погледне.
Таквиот човек сега живее со чувство на внатрешен мир, а не со потреба постојано нешто да докажува или некого да осудува.
Душата како родител
Ете тоа е главната цел на нашата душа, да не израсне во таква личност.
Се разбира тоа воопшто не е едноставен процес и не може да се случи преку ноќ, но ако имаме вистинско водство кое ќе ни даде добри насоки, можеме драстично да го забрзаме тој процес.
Фактички, се што ни треба е малку храброст и искрена желба за трансформација. Сите други работи ќе ги намести универзумот.
Продолжува…